Истражување на капацитетите на инспекциските служби во општините

25/11/20245

Слаби капацитети на инспекциските служби во општините

Kapacitete të dobëta të shërbimeve inspektuese në vetëqeverisjet locale

Weak capacities of the inspection services in the municipalities

Целта на истражувањето е согледување на состојбите со инспекцискиот надзор во единиците на локална самоуправа. Истражувањето е поттикнато од ризиците од корупција поврзани со  инспекцискиот надзор кои ја наметнуваат неопходноста од анализирање на постоечките практики, детектирање на проблемите и изготвување соодветни препораки со цел зголемување на  транспарентноста и интегритетот на овие процедури.

Ова истражување е спроведено во осум таргетирани општини (Битола, Кичево, Куманово, Неготино, Тетово, Струмица, Чаир и Штип), но мора да се нагласи дека Општина Неготино, и покрај сите напори за обезбедување на соодветните податоци, остана нереспонзивна и не е вклучена во истражувањето од едноставна причина што од општината не одговорија на барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер и податоците кои се предмет на истражувањето останаа необелоденети.

Истражувањето ги откри следниве клучни наоди:

  • Во секоја од анализираните општини се забележува нецелосна пополнетост на работните места  во секторите за инспекциски надзор, која кај некои од општините оди и дотаму што недостасува и половина од предвидениот кадар во соодветната организациска единица – инспекциска служба, а  некаде се празни и дел од раководните места.
  • Ниту една од општините нема изготвено Методологија за проценка на ризик.
  • Само две од општините ја почитуваат законската обврска за изготвување полугодишни извештаи за работата на инспекциската служба во рамките на општината и нивно објавување на веб-страницата.
  • Воочени се големи разлики помеѓу општините во однос на бројот на издадени опомени и решенија од страна на инспекциските служби, со тоа што кај некои општини на годишно ниво се изречени над 1.000, а во некои ниту една опомена или решение. Оваа состојба поттикнува  сомнежи за неефикасност на службите и корупција.
  • Особено загрижува фактот што ниту една од општините нема донесено антикорупциска програма за инспекциската служба, ниту пак интерна процедура за спречување на судирот на интереси.
  • Бројот на спроведените инспекциски надзори во општините од страна на Државниот управен инспекторат варира од општина до општина, а постојат општини каде што надзорот не е спроведен во подолг временски период.
  • Општините кои биле предмет на надзор од страна на Државниот управен инспекторат не ги обелоденуваат наодите на инспекторатот на своите веб- страници.

Истражувањето е изготвено во рамките на проектот „Заштита од корупција“, со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, имплементиран од Центарот за граѓански комуникации, во периодот од 1 ноември 2021 година до 31 октомври 2024 година.