Втор полугодишен извештај од мониторингот на јавните набавки (јануари-јуни 2015)
Анализата во овој извештај е направена врз основа на мониторинг на избран примерок од 60 постапки на договорни органи на централно ниво, чиешто јавно отворање на понудите се одвиваше во периодот јануари-јуни 2015 година. Дополнително, во овој извештај е поместена и анализа на постапките пред Државната комисија за жалби по јавните набавки за периодот јануари-јуни 2015 година.
Во дури 26% од тендерите кои беа предмет на мониторинг имало само по една доставена понуда, додека во 19% се доставени по две понуди. Задоволително ниво на конкуренцијата, со доставени понуди од три или повеќе фирми, беше евидентирано во половина од тендерите кои беа предмет на мониторинг (51%). Ваквата состојба укажува на влошување на конкуренцијата во тендерите споредено со истиот период лани. Загрижувачки е што доставувањето само по една понуда е евидентирано и во тендери каде што сосема очекувано би требало да има висока конкуренција, како што се услуги за печатење, набавка на производи и пијалoци за бифе, набавка на леб и слатки, одржување хигиена во објектите, набавка на возила, набавка на градежни машини-булдожери и сл.