Милионски загуби, долгови и блокирани сметки – финансиски биланси на локалните јавни претпријатија

11/12/202510

ЈП база на податоци

  • Загуба оствариле повеќе од половина од локалните јавни претпријатија во земјава.
  • Вкупниот износ на загубите изнесува 17 милиони евра.
  • Во последните години растат и загубите и бројот на претпријатија со загуби.
  • Само првите 10 претпријатија со најголеми загуби, прикажале 77% од вкупните загуби.
  • Вкупните долгови на локалните јавни претпријатија изнесуваат 193 милиони евра.
  • Долговите на 20-те најзадолжени претпријатија се повеќе од половина од вкупните долгови на сите претпријатија.
  • На дури третина од локалните јавни претпријатија им се блокирани банкарските сметки.
  • Во локалните јавни претпријатија работат повеќе од 12.000 луѓе, иако бројот на вработени во последните неколку години благо се намалува.

Според податоците од завршните сметки за минатата, 2024 година, од вкупно 128-те локални јавни претпријатија чии основачи се општините, дури 71, односно 55% ја завршиле годината со загуба. Вкупните загуби на овие 71 претпријатие изнесуваат 17,4 милиони евра.

Вкупните загуби само на првите 10 претпријатија со најголеми негативни финансиски резултати изнесуваат 13,5 милиони евра, што е дури 77% од вкупните загуби на локалните јавни претпријатија.

На првите три места со најголеми загуби во земјава се три скопски јавни претпријатија – Водовод и канализација, Улици и патишта и Комунална хигиена. Само скопски Водовод има загуба од 4,2 милиони евра.

На четврто и петто место се две битолски претпријатија, Водовод и Комуналец. Следи уште едно скопско претпријатие, Паркови и зеленило, а потоа комуналните претпријатија од Кочани, Велес, Охрид и Прилеп.

Инаку, загубите на локалните јавни претпријатија во 2024 година се зголемени во однос на 2023 година дури за 56 %, односно за 6,2 милион евра. Во последните неколку години зголемен е и бројот на претпријатија што работеле со загуба и тоа од 54 во 2023 година на 71 претпријатие во 2024 година. Соодветно на тоа, намален е бројот на претпријатија што оствариле добивка во 2024 година, но вредноста на добивката на овие претпријатија е зголемена. Во 2024 година вкупната добивка изнесува околу 5,4 милиони евра што е за 24 % повеќе од 2023 година.

Уште поголеми од загубите се долговите на локалните јавни претпријатија, мерени преку нивните краткорочни обврски. Според нивните завршни сметки, дури 126 од 128-те локални јавни претпријатија имаат долгови кои вкупно изнесуваат 193,2 милиони евра.

Најголеми долгови има истото претпријатие кое има и најголема загуба, односно скопски Водовод и канализација. Само ова претпријатие има краткорочни обврски од 53,3 милиони евра.

Следно е јавното сообраќајно претпријатие Скопје кое има долгови од скоро 17 милиони евра. Со долгови од по речиси 10 милиони евра се следните две претпријатија, кумановски Водовод и гостиварски Комуналец. На петто место, со долгови од 8 милиони евра се наоѓа скопска Комунална хигиена.

Првите десет претпријатија со најголеми долгови, заедно долажат 40% од вкупните долгови на сите претпријатија, а долгот на првите 20 најзадолжени претпријатија изнесува 53% од вкупните долгови.

Една третина од локалните јавни претпријатија имаат блокирана банкарска сметка, односно 41 претпријатие.

Гледано во однос на вкупните приходи и расходи на претпријатијата се воочува пораст и на двете страни. Притоа, приходите се зголемени за 6,1 милион евра, односно за 2,7 % во 2024 година во однос на претходната година, а расходите, пак, пораснале за 11,7 милиони евра, односно за 5, %.

Во сите овие 128 претпријатија на локално ниво, во постојан работен однос има 12.009 вработени. Најмногу вработени, по повеќе од илјада имаат три скопски локални претпријатија – Комунална хигиена, Јавното сообраќајно претпријатие и Водовод и канализација. Од другите градови, претпријатие со најмногу вработени е штипски Исар.

Инаку, бројот на вработени во локалните јавни претпријатија е во благ пад. Во 2024 година бројот на вработени изнесува 12.009 што е за 171 вработен (1,4 %)  помалку од 2023 година, односно 462 вработени (3,7 %) помалку од 2022 година.

*   *   *

Истражувањето е спроведено врз основа на обработка на податоците од финансиските извештаи на локалните јавни претпријатија во последните три години, односно од 2022 до 2024 година, а преземени од Бизнис мрежа.