Јавните набавки на општините – од 2 до 400 евра по жител
Одредени пропусти, забелешки или нелогичности во спроведувањето на јавните набавки се регистрирани во доминантен дел од мониторираните постапки на локално ниво. Во добар дел од мониторираните постапки има и по неколку забелешки, а не е мал бројот и на оние постапки каде регистрираните пропусти доведуваат до апсурдни ситуации. Сево ова ја отвора дилемата дали јавните набавки се спроведуваат само за да се запази формата без да се води сметка за остварување на основните принципи на јавните набавки: конкуренција меѓу фирмите, нивни еднаков третман недискриминација, транспарентност и интегритет и реално и ефикасно искористување на средствата во јавните набавки. Поради сево ова уште еднаш се наметнува потребата од воведување на контролни механизми кои би ги спречиле злоупотребите и прекршувањата во сите фази од јавните набавки.