(Скопје, 12.12.2022 год.) На денешната дебата за „зелените“ јавни набавки во земјава, Центарот за граѓански комуникации ги претстави иницијалните наоди од мониторингот на јавните набавки поврзани со заштитата на животната средина и од истражувањето на (не)примената на „зелените“ јавни набавки во земјата и влијанието на корупциските ризици во процесот.
Целта е да се придонесе кон оценка на состојбата со набавките за заштита на животната средина, можното влијание на корупцијата врз малата примена на „зелените јавни набавки“, како и идните мерки што треба да се преземат за унапредување на состојбата со одржливите набавки во земјава, воопшто. Покрај претставниците на ЦГК, Сабина Факиќ и Герман Филков и на ФООМ, Данче Даниловска-Бајдевска, на дебатата се обратија министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска и директорот на Бирото за јавни набавки, Борче Христов. Меѓу учесниците беа 40-ина претставници за јавни набавки на државни институции, на Државниот завод за ревизија и еколошки невладини организации. Дебатата се спроведе во рамките на проектот „Прилагодување кон климатските промени преку спречување на корупцијата во јавните набавки“ што го спроведуваат Центарот за граѓански комуникации и Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество Македонија.