ПочетнаКатегорија

Вести

Скопје, 30.01.2019-Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето Транспарентност и отчетност на претпријатијата во државна сопственост, во кое клучни наоди се: Просечното ниво на транспарентност и отчетност на претпријатијата во државна сопственост, односно исполнувањето на законските обврски и добрите стандарди, изнесува само 28% од можни 100%. Ниту едно од 30-те најголеми претпријатија во државна сопственост, чии вкупни годишни приходи надминуваат 700 милиони евра, нема високо или солидно ниво на транспарентност (исполнување на обврските над 60%). Исполнети се услови за разрешување на 18 директори на јавни претпријатија, од кои 6 основани од Владата, а 12 од локалните власти, поради необјавување извештаи од работењето. Претпријатијата основани од Владата имаат просечно ниво на транспарентност од 31%, а претпријатијата основани од општините 27%. На врвот на ранг-листата со највисоко ниво на исполнување на обврските, и тоа од само 52%, е ЈП за државни патишта, а на дното со 0% се наоѓа АД  Градски трговски центар. Речиси половина од претпријатијата ги немаат објавено ниту имињата на членовите на управните и на надзорните одбори. Ниту едно претпријатие основано од Владата или од општините не објавува информации за седниците на управните одбори. Обврската за задолжително објавување на плановите за јавни набавки со сите измени и дополнувања не ја почитуваат дури 67% од претпријатијата. Истражувањето е достапно и на opendata.mk. За повеќе информации, ве молиме контактирајте го Центарот за граѓански комуникации. Истражувањето е спроведено во рамките на проектот „Засилување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и во приватниот бизнис-сектор“, финансиран од Европската Унија.

Сумирани информации за главните карактеристики на јавните набавки во земјава за 2017/2018, борбата против корупцијата во јавните набавки, како и споредбени показатели и трендови за земјите од регионот

Многу ниска конкуренција на локалните тендери СКОПЈЕ, 26 јуни 2018 година – Центарот за граѓански комуникации денеска ги објави резултатите од редовниот мониторинг на постапките за јавни набавки спроведени од институции на локално ниво во периодот април-септември 2017 год., којшто ги покажа следниве главни констатации: »        Ниската конкуренција на локалните тендери и натаму продолжува да се движи под три понудувачи, што се смета за минимум конкуренција. На мониторираните тендери имало просечно по 2,8 понудувачи. Она што дополнително загрижува е зголемениот процент на тендери со една или ниту една понуда, којшто скокна дури на 40% во мониторираниот период, највисоко ниво во последните 3 години. »        Процентот на поништени постапки за јавни набавки во мониторираниот примерок скокна на 20%, достигнувајќи ја повторно највисоката граница во последните пет години. Во дури 50% од поништените постапки, причина за поништување било немањето ниту една понуда. »        Електронската аукција се одржала само во 58% од мониторираните тендери. Таа е успешна само кај набавките со поголема конкуренција, додека во другите е само формална и често изгледа како фирмите да се договараат како ќе настапат на аукцијата. »        Како во ниту еден друг период порано, во текот на овој мониториран период податоците побарани преку правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во дури 28% од тендерите се обезбедени по пат на жалба до Комисијата за заштита на ова право. Извештајот од мониторингот е достапен тука. За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.

Скопје, 21 јуни 2018 година - Центарот за граѓански комуникации денеска го објави Индексот на активна транспарентност за 2018 година, што значи објавување јавни информации на сопствена иницијатива на институциите. Истражувањето и рангирањето ги опфаќаат сите 81 општина и градот Скопје, 15-те министерства и Владата на РМ. Процентот на исполнетост на обврските за објавување на јавни информации на сите 97 вклучени институции изнесува 43,5% (од можни 100%). Ова значи дека општото ниво на активната транспарентност во Македонија во 2018 година се задржа на ниско ниво. Степенот на активна транспарентност во 2018 година е незначително зголемен во однос на 2017 година (кога просечно изнесуваше 42,5%). Законската основа за активната транспарентност на институциите се наоѓа пред сè во Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, но и во низа други закони како што се Законот за локалната самоуправа, Законот за буџетите, Законот за јавен долг, Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа и др. Освен од регулативата, активната транспарентност произлегува и од практиката, односно кога една институција ги прави достапни до сите граѓани одговорите на прашањата што почесто ги добива во форма на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер. За разлика од претходните две години, сега, генерално, министерствата и Владата стојат подобро од општините според нивната активна транспарентност. Општините се наоѓаат на првите 2 места од ранг-листата, но просечниот скор на сите општини заедно е намален од 41% на 39%, додека скорот на министерствата е зголемен од 48% на 66%. Во однос на одделните области на активната транспарентност – институциите...

Фирмите и натаму се незадоволни од јавните набавки СКОПЈЕ, 13 јуни 2018 година – Центарот за граѓански комуникации денеска го објави извештајот од следењето на јавните набавки спроведени од институциите на централно ниво за периодот јули-декември 2017 година и приказ на клучните состојби за цела 2017 година. Клучни наоди од анкетирањето на 210 фирми за нивното искуство во јавните набавки, спроведено во периодот февруари-март 2018 година: ’Најниската цена‘ како единствен критериум за доделување договор за јавни набавки, задоцнетото плаќање и потребната обемна документација за учество на тендерите се главните проблеми во јавните набавки што ги посочуваат фирмите. Испитаните фирми чекаат просечно по 6 месеци и 21 ден за да ги добијат парите за завршената работа. Пред 2 години просекот изнесуваше 8 месеци, а лани 6 месеци. 95% од фирмите сметаат дека на е-аукциите се постигнуваат нереално ниски цени и се занемарува квалитетот на набавките во однос на нивната цена. Дури 88% од испитаните фирми сметаат дека има корупција во јавните набавки, но со различна оценка за нивото на нејзината присутност. Најголем дел од фирмите, односно 47%, сметаат дека во јавните набавки има корупција, но ретко; 5% велат секогаш, а 36% често. Само 12% од фирмите се изјасниле дека во јавните набавки никогаш нема корупција. Доминантен дел од фирмите се изјасниле дека во тендерите на кои учествувале, почесто или поретко сведочеле на непочитување на Законот за јавни набавки. Дури 96% од испитаните фирми никогаш или ретко се жалат на тендерите во коишто учествуваат, главно поради високиот надоместок за трошоците во жалбената постапка и недовербата кон...

ПОВИК за доделување грантови на граѓански организации Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) во соработка со Фондацијата Фокус во рамките на проектот „Мрежа за транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки“, финансиран од Европската Унија преку програмата ИПА за поддршка на граѓанскиот сектор и медиумите 2015, објавуваат повик за доделување грантови за граѓански организации (ГО) за спроведување истражување за оценка на транспарентноста, отчетноста и интегритетот на општините во земјава за 2017 и 2018 година, според однапред утврдена методологија. Предвидено е да се доделат осум (8) грантови во максимален износ до 7.000 евра по грант (во денарска противвредност од 430.000 денари). Апликациите да се достават до 28 мај 2018 година, до 12.00 часот, на center@ccc.org.mk и на ccc.oglasi@gmail.com, со назнака: Network/SG2018. Проектната документација и детални упатства за аплицирање можат да се преземат на следнве линкови:   Повик за доделување грантови со упатство за аплицирање Прилог 1: Образец за пријавување Прилог 2: Буџет Повеќе за проектот и за истражувањето

Истражување, рангирање и анализа на транспарентноста, отчетноста и интегритетот на институциите во Македонија при спроведување на јавните набавки. Целата анализа можете да ја преземете овде или да пристапите до електронската верзија на следниов линк.

СКОПЈЕ, 7 февруари 2018 година – Центарот за граѓански комуникации денеска го објавува Индексот на рационалност бр. 17 во кој се споредени цените по кои се купувани зимски и летни работни униформи што се дел од личната заштитна опрема (ХТЗ-опрема) кај комуналните претпријатија, потоа цените за набавка на кломпи, кои како работни обувки најчесто ги купуваат детските градинки, следува одржување хигиена во внатрешни работни простории во различни државни институции и системи за инфузија кои ги купуваат здравствените установи. Најголемата разлика во цената е евидентирана во набавката на летните работни униформи, а најмала во набавката на системите за инфузија. Сумарно, индексот на рационалност ги даде следните сознанија: летните работни униформи комуналните претпријатија ги купувале по цени од 424 до 2.773 денари, со што највисоката цена е за 554% повисока од најниската; зимските работни униформи од страна на комуналните претпријатија се купувани по цени од 1.124 до 4.602 денари, со што највисоката цена е за дури 309% повисока од најниската; работните обувки – кломпи се купувани по цени од 718 до 2.183 денари, со што највисоката цена е за 204% повисока од најниската; одржувањето на хигиената во внатрешните работни површини ги чинела државните институции од 30 до 103 денари за еден метар квадратен месечно, со што највисоката цена е за 243% повисока од најниската цена и системите за инфузија се купувани од страна на здравствените институции по цени од 5,78 до 9,98 денари за еден систем, со што највисоката цена е за 73% повисока од најниската. Во изработката на индексот на рационалност беа вклучени 48 институции на...

Со последната обука за истражувачко новинарство во новите медиуми, која се одржа на крајот од јануари, се заокружи циклусот од десет напредни обуки на кои вкупно 96 новинари од 55 медиуми од целата земја стекнаа нови знаења и подобрени вештини за истражување и известување за најважните теми во општеството. Темите на обуките се избираа во зависност од укажувањата на новинарите за нивните потреби или од конкретните состојби во земјата и тоа – од начинот на пребарување на т.н. „Панама пејперс“, преку истражување и известување за изборниот процес, за финансиски и економски прашања, за теми од локално значење, сѐ до специјализирани обуки за телевизиски новинари и новинари од новите медиуми, како и обуки за користење во истражувањето на дигитални и форензични алатки и обуки за обезбедување на квалитетно истражувачко новинарство за помлади новинари и за најнапредни истражувачки новинари. Предавачи беа истражувачки новинари, обучувачи и експерти од Европа, регионот, но и од Македонија. Меѓу нив, Кристијан Триберт, наградуван истражувачки новинар од Холандија, Кит Стафорд, водечки меѓународен тренер на Ројтерс, Рејчел Рајт, продуцент и новинар на ББЦ, истражувачки новинари и уредници од водечката ТВ редакција за истражувачко новинарство во регионот Инсајдер, како и од една од најдобрите регионални мрежи за истражување на корупцијата, Крик, и двете од Србија. Како резултат, редовниот годишен мониторинг на известувањето на медиумите покажа зголемено присуство на истражувачките и на аналитички новинарски стории во 2017 година во однос на 2016 година, односно скок на учеството на овие текстови во вкупниот број текстови од 5% на 8,8%, со подобрени елементи во самите стории. Сите...