ПочетнаКатегорија

Завршени проекти

Тренерите на Центарот спроведоа четири регионални обуки за триесеттина новинари од локалните медиуми за унапредување на нивните способности и капацитети за истражување и известување за работата на локалната самоуправа во светло на зголемените ингеренции на локалната власт, а со тоа и зголемената улога на локалните медиуми за известување за прашања од интерес на граѓаните во општините. Обуката резултираше и со изработка на Водич за новинарско известување за претставници на локалните медиуми во Македонија, објавен на македонски и на албански јазик. Проектот е финансиски поддржан од програмата за локална самоуправа на УСАИД Македонија.

Овој проект всушност значеше спроведување на индивидуалните планови за акција на претставниците на ЦГК кои ги изработија за време на обуката за подобрување на капацитетот за борба против корупцијата спроведена од меѓународни експерти на Crown Agents. Во рамките на проектот ЦГК обучи група од осум новинари од водечки локални медиуми за истражување и известување за корупција кои потоа изработија свои истражувачки приказни врз основа на наученото на обуката и на индивидуалните планови за акција изработени на обуката. Како резултат од проектот ЦГК го издаде и „Прирачникот за новинари за истражување и известување за корупција“ кој го дистрибуираше до околу 200 новинари од сите медиуми во земјава. Проектот е поддржан од програмата World Learning и УСАИД Македонија.

Проектот опфати длабочински истражувања на корупцијата во неколку најранливи области: јавните набавки, составите на управните одбори на јавните претпријатија, давањето услуги од јавната администрација, градежништвото, образованието и здравството. Резултатите од истражувањата беа објавувани во аналитички извештаи за нивото, формите и генераторите на корупција. Извешатите наидоа на широка покриеност од македонските медиуми, со вкупно 108 новинарски извештаи. Поттикнати од извештаите, владини претставници најавија намалување на бирократските процедури, законска заштита на студенти кои ќе пријавуваат корупција, засилена битка против „градежната мафија“, а наодите од извештајот за корупцијата во здравството е искористен како доказ дека корупцијата е прв и најголем проблем кој треба да се решава во здравството.