Најниската цена и задоцнетите плаќања им создаваат најголеми проблемите на фирмите во јавните набавки
СКОПЈЕ, 6 мај 2016 година – Центарот за граѓански комуникации денеска го објави извештајот од следењето на јавните набавки за периодот јули – декември 2015 година, кој ги содржи и резултатите од истражувањето на 254 фирми и анализата на жалбените постапки. Истражувањето на фирмите за нивното искуство во јавните набавки покажува дека: двата најчести проблеми со кои се соочуваат фирмите се најниската цена како единствен критериум за доделување на договорите за јавни набавки и задоцнетото плаќање; просечното чекање за наплата на спроведените договори изнесува 8 месеци; 79% од испитаните фирми сметаат дека има корупција во јавните набавки и тоа: 37% сметаат дека во јавните набавки често има корупција, 10% велат секогаш, а 32% ретко. Само 21% од фирмите се изјасниле дека во јавните набавки никогаш нема корупција. Основни наоди од мониторингот на јавни набавки се: стручните лица кои ги ангажирал Советот за јавни набавки при давањето согласности за тендерите во 2015 година ги чинеле институциите вкупно 2,2 милиони евра; на секој четврти мониториран тендер имало по еден понудувач; преку преговарање без објавување на оглас во 2015 година се склучени договори во вредност од 29 милиони евра; во 2015 година поништени се 19,9% од постапките за јавни набавки. Анализата на жалбените постапки пред Државната комисија за жалби по јавни набавки покажува: за повеќе од 18 илјади спроведени тендери во 2015 година, доставени се само 523 жалби што упатува на исклучително мал процент на обжалени постапки од само 2,8%; 67% од жалбите се доставени против одлуките за избор на најповолна понуда. Извештајот од мониторингот е достапен овде...