Центарот за граѓански комуникации ги достави мерките за стеснување на просторот за корупција во јавната администрација до надлежните институции и медиуми во земјата. Мерките беа дефинирани на работилницата која се оддржа на 24 октомври, а беа предложени од домашни експерти и претставници на надлежните институции.Мерките главно се насочени кон: професионализација на јавната администрација; вработување и унапредување на државни службеници само врз основа на работното искуство, знаењето и остварените резултати; намалување на дискреционите права на раководителите на државните институции за избор на вработените; воведување на систем на награди и казни за државните службеници; ограничување на просторот на разни комисии да одлучуваат арбитрарно; јасно дефинирање, усогласување, унифицирање и објавување на сите услови и документи што се потребни за добивање на услугите од јавната администрација, како и автоматизација на одредени услуги. Центарот им препорачува на сите релевантни институции да ги преземат мерките во интерес на генералните заложби за намалување на корупцијата во Република Македонија.