Тендер со апсурдни цени од 0,01 денар
СКОПЈЕ, 04 декември 2017 година – Центарот за граѓански комуникации денеска го објави извештајот од следењето на јавните набавки спроведени од институциите на централно ниво за периодот јануари – јуни 2017 година.
Клучни наоди од мониторингот на јавни набавки се:
- Во дури 35% од мониторираните тендери има отфрлање на дел од понудите бидејќи се оценети како неприфатливи. Ова дополнително ја влошува конкуренцијата на тендерите.
- Во дел од тендерите, за време на електронската ауција се постигнуваат толку ниски цени што се доведува во прашање реалноста на проценетата вредност на тендерите, како и квалитетот на набавките.
- ’Најниската цена‘ како единствен критериум за избор води кон тендери со апсурдни цени од 0,01 денар и 0,01 процент. Оваа пазарна нелогичност го зголемува ризикот од можни манипулации во реализацијата на тендерот.
- Во првото полугодие од 2017 година до Советот за јавни набавки беа доставени 7.583 барања од договорните органи, односно само 9% помалку од истиот период претходната година. За дадените мислења, Советот им фактурирал на договорните органи вкупен износ од 806.172 евра.
- Во првото полугодие од 2017 година, преку нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас се склучени договори во вредност од 7,4 милиони евра, што е за 12% повеќе од истиот период лани.
- Во пораст е поништувањето на тендерите. Во првото полугодие од 2017 година поништени се 2.033 тендери (целосно или нивен дел), што е удел од 23,7% од вкупно објавените огласи во истиот период.
- Во првото полугодие од 2017 година изречени се 19 негативни референци за 17 фирми.
За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk