СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ

41 % ОД ЛИЦАТА ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ ВО ИНСТИТУЦИИТЕ СМЕТААТ ДЕКА ВО ЈАВНИТЕ НАБАВКИ ЧЕСТО ИМА КОРУПЦИЈА               Денес, 30 септември 2024 година, Центарот за граѓански комуникации ги објави: Извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки, кој вклучува и анкети со фирмите и со претставниците на државните институции; Индексот на рационалност каде што се споредени цените по коишто различни институции набавувале сосема исти производи или услуги и Базата на податоци за јавните набавки на општините за 2023 година. Клучните наоди од овие истражувања вклучуваат:
септември 30, 20241164

– Јавните набавки во 2023 година достигнаа рекордно висока вредност и рекордно ниска конкуренција во последните 10 години. Склучени се договори за јавни набавки во вкупна вредност од 1,5 милијарда евра, што е 35 % повеќе од претходната година.

– Според мониторингот на јавни набавки, Просечниот број понуди по тендер изнесувал 2,7. Во една третина од тендерите е добиена само по една понуда. Отсуството на конкуренција е последица на фаворизирачки тендерски документации и загубена доверба на бизнис-секторот во фер натпревар на набавките.

– 41 % од лицата за јавни набавки по државните институции сметаат дека во набавките често има корупција. Најголем дел од нив велат дека најприсутна е корупцијата како последица на политичките интереси, и дека поголем генератор на корупција се фирмите отколку луѓето во институциите.

– И 51 % од фирмите што учествуваат во јавните набавки сметаат во набавките има корупција, а со неа лично се соочиле 23 % од компаниите вклучени во истражувањето.

– Индексот на рационалност открива големи разлики во цените по коишто институциите купуваат исти производи и услуги. Така, на пример, исти лиценци за компјутерски софтвер се купувани по цени од 6.185 до 23.100 денари.

– Базата на податоци за јавните набавки на општините, пак, открива дека во 2023 година, општините за набавки потрошиле 40 % повеќе пари од претходната година и дека само десет фирми добиле 25 % од вредноста на сите тендери.

Извештаите и истражувањата се изработени во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.