Истражување на набавките на училиштата со парите на родителите на учениците

БЕЗ ТРАНСПАРЕНТНОСТ И ОТЧЕТНОСТ СЕ ТРОШАТ ОКОЛУ 10 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА НАБАВКИ КОИШТО СЕ ФИНАНСИРААТ СО ПАРИ ОД РОДИТЕЛИТЕ ВО УЧИЛИШТАТА Денес, 17 април 2024 година, Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето Отсуство на процедури, транспарентност и отчетност кај набавките коишто се финансираат со пари од родителите во училиштата. Доцнењето на Министерството за образование и наука (МОН) да изготви подзаконски акти со кои ќе се регулира начинот на спроведување на набавките во воспитно-образовните институции, кои не подлежат на Законот за јавни набавки, им овозможува на училиштата да бидат нетранспарентни и неотчетни за начинот на трошење на парите од родителите.
април 17, 20242385

Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021 – 2025 година предвидуваше Министерството за образование и наука да ги изготви овие подзаконски акти (правилници) уште во првата половина од 2022 година, со цел да се намалат широките можности за корупција и злоупотреба на службената позиција.

 

Истражувањето спроведено во 96 основни и средни училишта во 8 општини во земјава открива дека набавките за осигурување, за униформи за учениците, за фотографирање, за ужина итн. се спроведуваат во постапки за кои нема јасно дефинирани правила кои би овозможиле избор на најповолните понуди и најдобра вредност за потрошените пари. Јавни огласи се објавуваат само за екскурзиите, бидејќи МОН за нив има донесено процедури уште во 2014 година.

Најголем дел од училиштата не можат да објаснат како е направен изборот на фирмите за чии услуги плаќаат родителите. Дури и кај оние училишта што ги доставија одлуките за избор од страна на советите на родителите не може да се утврди како се прибрани разгледуваните понуди, односно кој одлучил од кои конкретни фирми да се бараат понуди за набавките.

Во Република Северна Македонија има 966 основни и 129 средни училишта, во кои учат околу 254 илјади ученици. Врз основа на добиените податоци, може да се процени дека годишната вредност на овие набавки изнесува најмалку 10 милиони евра. Ова е, секако, огромна сума пари, за коишто не постои системско решение за начинот на нивното трошење за потребите на учениците.

Ова истражување е изготвено во рамките на проектот „Заштита од корупција“ со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, имплементиран од Центарот за граѓански комуникации, во периодот од 1 ноември 2021 година до 31 октомври 2024 година.

За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.

Преземете го овде истражувањето на албански и на англиски јазик: