Соопштение за јавноста

ЗАСТАРЕНИ ГУП-ови, ЧЕСТО МЕНУВАЊЕ ДУП-ови И ГОЛЕМ БРОЈ ДИВОГРАДБИ Денес, 29 февруари 2024 година, Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето Застарени ГУП-ови, често менување ДУП-ови и голем број дивоградби кое открива дека доминантен дел од општините имаат генерални урбанистички планови (ГУП) чија  формална важност е истечена. За разлика од застарените ГУП-ови, во општините што беа предмет на ова истражување, за пет години се донесени многу ДУП-ови и направени се многу нивни измени. Поконкретно, истражувањето ги покажа следниве клучни наоди: Наспроти законски предвидениот плански период од 10 години, во дел од општините ГУП-от не е сменет и по повеќе од 20 години. Ненавременото ажурирање и изготвување нови ГУП-ови создава ризик од непланско управување со градежното земјиште и од загрозување на јавниот интерес и квалитетот на животот.
февруари 28, 20241635

  • Дури три четвртини од измените на ДУП-овите се направени по барање на физички или правни лица, што значи дека е воспоставена пракса – планската документација да се менува и адаптира според потребите на надворешни субјекти, наспроти иницијативите за измени на ДУП-овите од страна на општината со кои би се предвиделе повеќе проекти за унапредување на јавниот простор.
  • Секое трето барање за градба во периодот 2018-2022 година е одбиено или повлечено, што говори дека постапките за издавање одобрение за градење во општините, во определени случаи, може да бидат неправедно одолговлечени или, пак, да не е обезбеден воедначен третман на барателите.
  • Барањата за легализација на нелегално изградените објекти доставени во 2018 година се над двојно повеќе од барањата за одобренија за градба доставени во период од цели пет години, од 2018 до 2022 година. Ова недвосмислено говори за последиците од донесувањето Закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, со што се загрозуваат принципите на владеење на правото и планскиот развој на просторното планирање во земјата.
  • Бројот на нелегално изградени објекти говори и за неефикасноста на инспекцискиот надзор. Наместо да бидат урнати, овие објекти чекаат на легализација, и тоа во бројка неколкукратно поголема од легално доставените барања за градба.
  • Пополнетоста на работните места во организациските единици за урбанизам просечно изнесува 62 %, а во половина општини не е назначен раководител на организациската единица надлежна за урбанизам. Ова значи дека не е воспоставена целосна и ефикасна контрола и воедно се зголемува можноста за поголеми влијанија на градоначалниците, кои ја добиваат можноста на функцијата да овластат блиски лица.
  • Ова истражување е изготвено во рамките на проектот „Заштита од корупција“ со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, имплементиран од Центарот за граѓански комуникации, во периодот од 1 ноември 2021 година до 31 октомври 2024 година. За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.

    Преземети ги публикациите овде:

    МК: Застарени ГУП-ови, често менување ДУП-ови и голем број дивоградби

    AL: PPU të vjetruara, ndryshim i shpeshtë i PDU-ve, numër i madh objektesh të ndërtuara pa leje dhe mbikëqyrje e dobët inspektuese në komunat

    EN: Outdated GUPs, frequent changing of DUPs, a large number of illegal buildings and a weak inspection supervision in the municipalities