Со 770 илјади евра против комарците

За борбата со комарците, општините годинава платиле 770 илјади евра. Тендери за справување со комарците имале 39 општини и еден плански регион со 9 општини. Ова значи дека вкупно 48 општини годинава презеле мерки за уништување на комарците. (линк до базата на податоци на сите договори за јавна набавка за комарци). 35 општини со бореле со комарците од земја, односно имале тендери за т.н. терестичко прскање. Други 6 општини, пак, се справувале со комарците од воздух, односно имале тендери за т.н. авионско третирање. 7 општини имале и земјено и воздушно прскање. Вообичаено, најголем договор за уништување на комарците има Град Скопје, кој лани, за двегодишен третман против комарците од воздух и од земја платил половина милион евра. Од другите општини, повеќе пари за уништување на комарците платиле оние кои најмиле услуга за авионско прскање и тоа Велес, Кавадарци, Кочани, Куманово и Штип.
август 9, 20231882

Од вкупно 13 договори за јавна набавка за авионско прскање, 11 тендери добила кумановската фирма Бониер, додека останатите два, меѓу нив и највредниот, скопскиот, ги добил Аероклубот Скопје.

 

Кај договорите за уништување на комарците од земја, предничи кавадаречката фирма Лиса-Ком МС, со склучени 9 договори. Следен е Центарот за јавно здравје Скопје со 7 договори.

Цените што ги плаќаат општините за оваа услуга се многу различни и зависат од тоа дали прскањето е авионско или до земја, од опфатената површина, но и од бројот на третмани бидејќи многу општини предвидуваат по неколку третирања во текот на годината. Сето ова ја отежнува и споредбата на цените. Како и да е, најевтино за еден хектар прскање плаќа Град Скопје, само по 11 денари за хектар прскање од земја.

Авионските прскања чинат од 216 денари за хектар колку што плаќа Град Скопје, до 2.230 денари за хектар колку што платила Карбинци.

Кога станува збор за средството со кое се прска против комарци и ларви од комарци, општините не се многу прецизни во описот. Само две општини нагласуваат дека средството мора да биде еколошко, а други две општини наведуваат и какво средство или негов еквивалент би сакале. Како и да е, сите општини наведуваат дека средството мора да има решение за промет и да биде одобрено од Министерството за здравство.