Индекс на активна транспарентност 2023

АКТИВНАТА ТРАНСПАРЕНТНОСТ НА МИНИСТЕРСТВАТА СТАГНИРА, А  ОПШТИНИТЕ СО МИНИМАЛНО ПОДОБРУВАЊЕ Денес, 10 јули 2023 година, Центарот за граѓански комуникации го објави редовното годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност, односно според проактивното објавување информации од јавен карактер, во кое се вклучени 98 институции, односно Владата и сите министерства и општини. Индексот ги покажува следниве клучни аспекти: » Просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2023 година изнесува 76 % (од максимално можни 100 %) и во однос на лани е подобрена само за 3 процентни поени (од 73 % на 76 %).
јули 10, 20232251

» Својата активна транспарентност годинава ја подобриле 54 % од институциите, за разлика од лани кога се подобриле 81 % од институциите.

» Активната транспарентност на министерствата и Владата изнесува 86 %, а на општините 74 %. За разлика од лани, министерствата се подобриле за нецел процентен поен, а општините за 4.

» Како и лани и годинава, само две институции, Министерството за одбрана и Владата, имаат по максимални 100 %, односно ги објавуваат сите предвидени информации од активната транспарентност.

» Две општини, Велес и Гевгелија, се наоѓаат на третата позиција, со високи 99 % исполнетост на обврските за објавување информации според активната транспарентност.

» Меѓу регионите, на првото место изби Источниот Регион (со 83 % активна транспарентност), додека на последно место останува Скопскиот Регион (со 66 % активна транспарентност).

» Најмалку информации и министерствата и општините објавуваат за финансиите (општините само 57 % од можни 100 %, а министерствата 62 % од можни 100 %).

» Се влошува состојбата со одговорите на барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер што им беа испратени на сите институции во ист ден и со исто прашање. Општините одговорија во просек за 16 дена (лани за 12 дена), а министерствата одговорија за 19 дена (лани за 16 дена). Само 65 % од институциите одговорија во рамките на максималниот законскиот рок од 20 дена (лани тоа го сторија 93% од институциите).

Активната транспарентност е претставена и на специјалната веб-страница https://www.aktivnatransparentnost.mk/ со преглед на остварувањата на секоја институција од 2016 годинава наваму.

Истражувањето е изработено во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.