Истражување за (не)примената на „зелените“ јавни набавки во земјава

Денес, 22 декември 2022 година, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ги објави Извештајот од истражувањето на јавните набавки поврзани со заштитата на животната средина за детектирање на ризиците од корупција и Документот со препораки за поттикнување на спроведувањето „зелени“ јавни набавки и спречување на корупцијата во процесот. Клучните наоди од истражувањето вклучуваат: * Во земјава речиси да не се спроведуваат „зелени“ набавки иако Законот за јавните набавки тоа го овозможува и поттикнува.
декември 22, 20222387

* Институциите не ги почитуваат ниту малиот број мерки донесени од Владата со кои преку јавните набавки треба да се влијание врз заштита на животната средина.
* Иако уште во декември 2019 година Владата реши да набавува вода во стаклени шишиња, 90 % од водата што ја купуваат институциите е во пластични шишиња, за што годишно се трошат околу половина милион евра.
* Иако е обврска, институциите не бараат од понудувачите докази дека преземаат мерки за создадениот отпад од производите што ги продаваат.
* И покрај заклучокот на Владата да се набавуваат „еколошки возила“, на годишно ниво дури 94 % од купените возила се на дизел или бензин.
* Не се бара еколошки карактеристики или ознаки ниту кај набавките на производи кои директно ја загадуваат животната средина како што се средствата за чистење, тонерите, печатарите итн.
* „Зелени“ аспекти во набавки отсуствуваат од почетокот на постапките – планирањето на набавките, преку описот на производите и критериумите за избор – се до реализацијата на договорите.
* На тендерите поврзани со заштита на животната средина има просечно по 2 понуди по тендер со што конкуренцијата е пониска отколку на другите тендери во земјава.
* Правото на дискрециско постапување во однос на тоа дали ќе се почитуваат еколошките ознаки во набавките, дали ќе се применуваат стандардите за заштита на животната средина и дали доследно ќе се почитуваат препораките на Владата претставува плодно тло за надворешни влијанија и, оттука, и за корупција.
* Земјата треба итно да донесе политика за зелени јавни набавки која ќе биде задолжителна за спроведување од сите државни институции.

Истражувањето, проследено со Документ за јавни политики кои содржи предлози за поголема примена на зелените набавки, се изготвени во рамките на проектот „Приспособување кон климатските промени преку спречување на корупцијата во јавните набавки“. Проектот го спроведуваат Центарот за граѓански комуникации и Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество Македонија.