Малите фирми сметаат дека задоцнетото плаќање, кратките рокови и условите за учество се главни проблеми во набавките на локално ниво

СКОПЈЕ, 12 мај, 2014 година – Центарот за граѓански комуникации денеска ги објави резултатите од редовниот мониторинг на постапките за јавни набавки спроведени од институции на локално ниво во периодот од април до септември 2013 година кој ги покажа следниве констатации: Електронската аукција, иако е законски задолжителна, не се одржала во 53% од мониторираните тендери, главно поради тоа што на тендерот имало или останала само една понуда. Во 41% од мониторираните тендери доцни објавувањето или никогаш не е објавено известувањето за склучен договор. Во дури 53% од мониторираните постапки за јавни набавки, набавувачот, односно државната институција поставила услови за фирмите за учество на тендерите што можат да се сметаат за несоодветни или непропорционални со предметот или вредноста на набавката. Не ретко во мониторираните постапки за јавни набавки на локално ниво се случува рокот на плаќање да биде еден од елементите кој одлучува која фирма да го добие тендерот. Задоцнетото плаќање, кратките рокови за доставување понуди, ограничувачките услови и административни товари за учество на тендерите, недоволната и ненавремена комуникација со договорните органи и давањето приоритет на цената наспроти квалитетот во јавните набавки се дел од проблемите со кои се соочуваат малите и микропретпријатија при учество на тендерите на локално ниво. Претставниците на овие фирми предлагаат продолжување на роковите, навремено плаќање за извршените набавки, поделба на тендерите на делови, но и зголемување на професионализмот на договорните органи при составување на тендерските документации и технички спецификации. За повеќе информации ве молиме контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.
мај 12, 20147090

БЕЛЕШКА ДО УРЕДНИЦИТЕ:

Проектот на УСАИД за граѓанско општество е 2,5 годишен проект финансиран од УСАИД и спроведуван од Фондацијата Отворено општество – Македонија во партнерство со: Центар за граѓански комуникации; Младински образовен форум; Реактор – Истражување во акција и Форум – Центар за стратегиски истражувања и документација.

Од 1993 година, американскиот народ преку УСАИД инвестираше во Македонија над 500 милиони долари. УСАИД соработува со народот во Македонија со цел да се отворат работни места, да се зајакнат демократските институции и практики, да се зајакне интегрираното образование и студентите да се подготват за пазарот на труд. Ваквите иницијативи го подобруваат квалитетот на живот и ја поддржуваат транзицијата на Македонија кон стабилна и просперитетна демократија. УСАИД обезбедува економска и хуманитарна помош во повеќе од 100 земји. Повеќе информации на macedonia.usaid.gov или на Фејсбук страната www.facebook.com/USAIDMacedonia.