90 микропретпријатија се обучуваат за јавните набавки

Претставници на 90-тина фирми од речиси сите општини од источниот и вардарскиот регион учествуваат на повеќедневната годишна конференција на микропретпријатија за јавните набавки која се одржува во Струмица. Целта на конференцијата е да се унапредат знаењата на микропретпријатијата за учество во јавните набавки, како и да се остварат неопходните контакти за идно здружување на микропретпријатијата за заеднички и посилен настап на пазарот на јавните набавки. Конференцијата е можност за размена на искуства од учеството на микропретпријатијата на тендерите и за идните предизвици кои стојат на патот на микропретпријатијата кон поголемо и посоодветно учество на пазарот на јавни набавки. Конференцијата е дел од Проектот на УСАИД за пристап на микропретпријатијата до јавните набавки кој го спроведува Центарот за граѓански комуникации од Скопје, во партнерство со невладините организации Фокус од Велес и ЕХО од Штип. Проектот го олеснува пристапот на микропретпријатијата до пазарот на јавните набавки, придонесувајќи за нивен одржлив развој и подобро искористување на нивните потенцијали за создавање работни места, раст и иновации. Воедно, на државните институции проектот им овозможува, преку поголема конкуренција во јавните набавки, да постигнат пониски цени и повисок квалитет за купените производи, услуги и работи.
септември 28, 20136933

 

Проектот се спроведува во периодот од 2012 до 2015 година и ги опфаќа 20-те општини од источниот и вардарскиот регион и Струмица, со намера добрите практики да се прошират и на ниво на целата земја.

Во рамките на проектот, на околу 280 микропретпријатија од опфатените региони им се овозможува бесплатна обука и секојдневна асистенција и стручни консултации во сите фази од учеството во постапките за јавни набавки што ги спроведуваат договорните органи од овие региони. Притоа, секое микропретпријатие вклучено во проектот има можност да дојде во еден од двата центра за поддршка (сместени во Штип и во Велес) каде му се нуди конкретна асистенција при учество во постапка за јавна набавка или, пак, на повик од претпријатието мобилните тимови од асистенти одат во просториите на претпријатието и таму му ја даваат потребната помош.