Невладините организации се залагаат за поголема улога во општеството

Претставници на 36 граѓански здруженија и фондации отворено дискутираа за својата улога во борбата против корупцијата во македонското општество и се согласија дека се неопходни повеќе активности и заложби во ова насока. На двете дебати организаирани од ЦГК, претставници на невладини организации со седиште во Скопје и во другите градови од земјава укажаа на неопходноста од поголем простор за граѓанското делување особено во сферата на т.н. вочдог активности за контрола на властите на сите нивоа.
14/12/20117156

Претставниците на невладиниот сектор ги истакнаа специфичната улога што ја имаат граѓанските организации во превенција и спречување на корупцијата, како и проблемите со кои се соочуваат при спроведување на антикорупциските активности.

За време на дебатите, претставникот на Државната комисија за спречување на корупцијата ја истакна потребата и од засилена соработка меѓу Комисијата и невладиниот сектор особено во превенција на корупцијата, за што веќе е потпишан и меморандум за соработка со дваесетина граѓански организации.

Учесниците заклучија дека има простор невладините организации да вклучуваат антикорупциски компоненти во своите редовни програми и проекти, без оглед во која сфера на делување се фокусирани (образование, здравство, екологија, родова еднаквост, млади, избори и сл.).

По дебатите, следува и обука за претставници на невладините организации за зајакнување на нивната улога во борбата против корупцијата, како и за унапредување на нивната соработка на ова поле со новинарите и со медиумите.