Втор квартален извештај за јавните набавки во 2011 година

Проблемот со поништувањата на постапките за јавни набавки се заострува. Евидентиран е рекордно висок број на поништени тендери во второто тромесечје од годинава, најголем во изминатите 3 години од почетокот на мониторингот на јавните набавки.
01/02/20116678

Втор квартален извештај за јавните набавки во 2011

Анализата на процесот на јавни набавки во РМ се прави врз основа на мониторинг на случајно избрани постапки за јавни набавки (по 40 на секое тримесечје). Мониторингот започнува од објавите на повиците во „Службен весник“, преку присуство на јавните отворања, до собирање податоци за текот на постапката преку длабински интервјуа и структурирани прашалници кои им се доставуваат на економските оператори, како и од податоците собрани од договорните органи преку барања за пристап до информации од јавен карактер.

Анализата во овој извештај е направена врз основа на мониторинг на избран примерок од 40 постапки на договорни органи на централно ниво, чиешто јавно отворање на понудите се одвиваше во периодот од април до јуни 2011 година.

Во секој квартален период, заедно со извештајот и наодите од мониторингот на постапките за јавни набавки, аналитички се обработуваат и други прашања поврзани со јавните набавки. Така, во овој квартален извештај е поместена анализа на жалбените постапки при Државната комисија за жалби по јавни набавки во периодот јануари-јуни 2011 година.