Трошки за здруженијата на граѓани во општинските буџети

Денес, 20 декември 2023 година, Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето - Трошки за здруженија на граѓани во општинските буџети. Истражувањето открива дека општините, преку буџетската ставка 463 – наречена „Трансфери до невладини организации“ во 2022 година доделиле 6,6 милиони евра. Притоа, над 90 % од парите се доделени на спортските клубови, кои се миленици на локалните власти и кои, во одредени општини, добивале и по еден милион евра годишно. Поконкретно, истражувањето ги покажа следниве клучни наоди:
декември 20, 20231498
  • Здруженијата на граѓани и фондации не ја добиваат потребната финансиска поддршка од општинските буџети. Во просек, општините во 2022 година доделиле за здруженијата на граѓани само 0,1 % од своите буџети.
  • Со исплатите на средства кон професионалните спортски клубови преку буџетската ставка 463 – Трансфери на невладини организации се создава искривена слика дека поддршката на здруженијата на локално ниво е поголема од реалното.
  • Просечната вредност на доделените средства за здруженија на граѓани од општините во 2022 година изнесува скромни 75 илјади денари, а за спортските клубови шест ипол пати повеќе, односно просечно по 488 илјади денари.
  • Најголем дел од парите што се доделени за НВО се за проекти од областа на социјалната заштита, по што следат проекти од областа од културата и на животната средина. Речиси и да нема проекти од областа на доброто владеење, со што се оневозможува здруженијата на граѓани да дадат придонес во борбата против корупцијата и кон зголемување на транспарентноста и отчетноста на локалните власти.
  • Јавните повици за доделување финансиска поддршка за НВО се објавуваат на веб-страниците на општините. Но, во нив, најчесто, не се наведени целите на повикот, висината на средствата, ниту критериумите за избор на предлог-проектите.
  • Поголем дел од општините не ги објавуваат јавно имињата на организациите кои добиле буџетска поддршка, ниту износот на доделените средства и нивната намена. А, не се бара од примателите на средствата ниту да доставуваат извештаи за реализацијата на проектите. Со овој пристап општините не овозожуваат транспарентен и фер пристап до средствата, како и увид во начинот на кои тие се трошат – со што се отвора простор за злоупотреби и корупција.

Ова истражување е изготвено во рамките на проектот „Заштита од корупција“ со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, имплементиран од Центарот за граѓански комуникации, во периодот од 1 ноември 2021 година до 31 октомври 2024 година. За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.

Истражувањето на македонски, на албански и на англиски јазик можете да го преземете на следните линкови:

ТРОШКИ ЗА ЗДРУЖЕНИЈАТА НА ГРАЃАНИ ВО ОПШТИНСКИТЕ БУЏЕТИ

SHPENZIME PËR SHOQATAT QYTETARE NË BUXHETET E KOMUNAVE

TRIFLES LEFT FOR THE CITIZENS’ ASSOCIATIONS IN THE MUNICIPAL BUDGETS