Резултати од мониторингот на јавните набавки во Македонија

СКОПЈЕ, 28 декември 2012 година – Центарот за граѓански комуникации денеска ги објави резултатите од мониторингот на постапките за јавни набавки во Македонија кој го опфаќа периодот од јули до септември 2012 година. Некои од клучните наоди се: Во пораст е проблемот со поништување на поголемите тендери – оние за набавка на стоки и услуги во вредност поголема од 20.000 евра и за изведување работи над 50.000 евра. Постои растечки тренд на донесување одлуки за поништување на ваквите тендери главно поради тоа што проценетата вредност на набавките е пониска од понудената од фирмите. Некои институции продолжуваат да не го почитуваат правилото за прецизно дефинирање на елементите за евалуација на понудите. Наместо квалитетот на понудите, во некои тендери се цени, главно, искуството на фирмите-понудувачи. Во третиот квартал од 2012 година, склучени се 210 договори во вредност од 14 милиони евра преку нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас. Вкупно, во првите девет месеци од 2012 година вредноста на овие договори изнесува околу 32 милиони евра. Компаративната анализа на македонското законодавство со седум европски земји укажува дека ниту една од нив не креира т.н. „црна листа“ на понудувачи на кои им е забрането учество во јавните набавки за одреден период (1 до 5 години) како последица на активирање на банкарските гаранции. Извештајот од мониторингот е достапен и на www.ccc.org.mk. За повеќе информации ве молиме контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.
декември 28, 20129740


БЕЛЕШКА ДО УРЕДНИЦИТЕ:

Проектот на УСАИД за граѓанско општество е 2,5 годишен проект финансиран од УСАИД и спроведуван од Фондацијата Отворено општество – Македонија во партнерство со: Центар за граѓански комуникации; Младински образовен форум; Реактор – Истражување во акција и Форум – Центар за стратегиски истражувања и документација.

Од 1993 година, американскиот народ преку УСАИД инвестираше во Македонија над 500 милиони долари. УСАИД соработува со народот во Македонија со цел да се отворат работни места, да се зајакнат демократските институции и практики, да се зајакне интегрираното образование и студентите да се подготват за пазарот на труд. Ваквите иницијативи го подобруваат квалитетот на живот и ја поддржуваат транзицијата на Македонија кон стабилна и просперитетна демократија. УСАИД обезбедува економска и хуманитарна помош во повеќе од 100 земји. Повеќе информации на macedonia.usaid.gov или на Фејсбук страната www.facebook.com/USAIDMacedonia.