Препораки за договорни органи за олеснување на пристапот на микропретпријатијата до јавните набавки
Увидувајќи го овој проблем многу порано, Европската Унија пред неколку години излезе со низа препораки до сите договорни органи на ниво на ЕУ за конкретни мерки што треба да ги преземат за да им овозможат на малите претпријатија полесен пристап до јавните набавки. Ова е уште една причина повеќе за преземање слични вакви мерки и во Република Македонија, како земја чија регулатива за јавните набавки е изработена според директивите на ЕУ. Сево ова беше причина за преземање конкретни мерки за олеснување на пристапот на микропретпријатијата до јавните набавки и во Македонија, делувајќи двонасочно. Од една страна, преку обуки, редовно информирање, секојдневна асистенција во подготовка на понудите и консултации – да се подобри способноста на микропретпријатијата за настап на пазарот на јавни набавки, а од друга страна, преку сугерирање препораки – да се делува кај договорните органи да ги намалат административните и другите пречки за поголемо учество на микропретпријатијата во јавните набавки.