Пад на вредноста на општинските тендери за една третина, во Скопје дури за 68 %

База на податоци на сите тендери на општините и Градот Скопје за 2022 година Денес, 22 август 2023 година, Центарот за граѓански комуникации ја објави Базата на податоци на тендерите на општините во 2022 година според која 80-те општини и Градот Скопје во 2022 година вкупно склучиле 3.508 договори за јавни набавки во вредност од 7,3  милијарди денари, односно 118 милиони евра. Вредноста на јавните набавки на 80-те општини и Градот Скопје во 2022 година е намалена за една третина, односно за 65 милиони евра во однос на 2021 година.
август 22, 20231464

Кон овој пад најмногу придонесува големото намалување на вредноста на јавните набавки на Град Скопје, чии набавки во 2022 година се намалени за дури 68 %, односно за 31 милион евра во однос на 2021 година.

Намалувањето на вредноста на јавните набавки значи дека помал дел од буџетските пари се инвестирани во стоки, добра и услуги кои можеле да придонесат кон подобрување на условите за живот на граѓаните.

Единиците на локална самоуправа склучиле договори со 1.184 фирми, но четвртина од вкупната вредност на тендерите им припаднала само на 8 фирми. На врвот според вкупната вредност на договорите е снабдувачот со електрична енергија ЕНЕРЏИ ДЕЛИВЕРИ СОЛУШНС ЕДС ДОО Скопје, со вредност на договорите од 614 милиони денари, односно околу 10 милиони евра.

Базата на податоци е интерактивна и овозможува пребарување на тендерите по општини и по фирми, а и дава графички преглед на учеството на фирмите во набавките на секоја општина одделно. Базата содржи податоци и за уделот на набавките во буџетите на општините, како и за вредноста на набавките по жител. Базата на податоци за јавни набавки на општините е изготвена за последните осум години (2015-2022).

Базата и истражувањето се изработени во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.