Најнов извештај од мониторингот на јавните набавки

СТАРИТЕ НАВКИ – ПОСИЛНИ ОД НОВИОТ ЗАКОН ЗА ЈАВНИТЕ НАБАВКИ Денес, 30 декември 2019 година, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави Извештајот од мониторингот на јавните набавки за периодот јануари-јуни 2019 година, каде се констатирани следниве клучни наоди: -Старите навики се посилни од новиот Закон за јавните набавки. ’Најниската ценаʻ и електронската аукција остануваат неприкосновени и во првите месеци од примената на Законот. -Конкуренцијата во јавните набавки во првото полугодие од 2019 година е влошена во однос на претходните две години. Просечниот број понуди на мониторираниот примерок изнесува само 2,74, а во дури 35 % од мониторираните тендери е добиена само една понуда. -Институциите најчесто не ја наведуваат проценетата вредност на тендерот во огласите за јавни набавки, што е во согласност со новините на Законот. Но, постојат многу  случаи во кои понудените цени се симптоматично блиску до проценетата вредност, која понудувачите инаку не можеле да ја видат во тендерската документација. -Секој четврти тендер (25,8 %) е целосно или делумно поништен. Покрај вообичаените законски основи за поништување, додадена е и можноста тендерот да се поништи според инструкција од Бирото за јавни набавки, а по спроведена управна контрола. -Во првото полугодие од 2019 година, преку нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас, склучени се договори во вредност од 9,6 милиони евра, што е за 11 % помалку од истиот период лани.
декември 30, 20196946

 

-Анализата на мониторираните постапки за јавни набавки што ги спроведуваат институциите на локално ниво покажува дека овие тендери се спроведуваат како воопшто да го нема и да не важи новиот Закон за јавните набавки. Се забележуваат бројни недостатоци кај локалните тендери, најниската цена и натаму е основен критериум, а е-аукцијата е присутна кај дури 70 % од тендерите иако, кога беа задолжителни, и двете беа критикувани како главни причини за проблемите во јавните набавки. Поништувањето на тендерите не стивнува, а конкуренцијата опаѓа.

Мониторингот на јавните набавки се спроведува во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста. За повеќе информации за работата на Центарот за граѓански комуникации, посетете ја нашата веб-страница: http://www.ccc.org.mk/ и http://www.opendata.mk/.

БЕЛЕШКА ЗА УРЕДНИЦИТЕ

Американскиот народ преку УСАИД има инвестирано повеќе од 640 милиони долари во Република Северна Македонија од 1993 година досега. УСАИД е најзначајната меѓународна агенција за развој во светот и двигател кој води до резултати во развојот. Работата на УСАИД носи напредок во националната безбедност и економскиот просперитет на САД, ја покажува американската великодушност и на земјите со кои соработува им помага на патот до самостоен и стабилен развој. За повеќе информации, посетете ги нашите веб и Facebook страници: https://www.usaid.gov/north-macedonia и https://www.facebook.com/USAIDNorthMacedonia/