Индексот на рационалност бр.10 е изработен со споредба на цените по кои се купувале училишни клупи, гуми за патнички возила, ризла за одржување на патишта, стручен надзор на градежни работи и медицински азотен оксид. Најголема разлика во цените е евидентирана при набавката на услугата за стручен надзор на градежни работи, а најмала разлика во цените е констатирана во набавката на медицински азотен оксид. Поконкретно евидентирани се следните разлики:
- Училишните клупи се купувани по цени кои се движат од 1.729 до 6.103 денари, со што највисоката цена е за 253% повисока од најниската.
- Гумите за патнички возила ги чинеле институциите од 2.309 до 5.546 денари за една зимска гума со димензии од 175/70 r13 со што највисоката цена е за 140% повисока од најниската, додека пак зимските гумите со димензии 205/55 r16 се купувани по цени од 4.228 до 9.558 денари, односно највисоката цена е за 126% повисока од најниската.
- Ризлата за одржување на патишта е купувана по цени од 649 до 1.121 денар за 1 тон, што значи дека највисоката цена е за 73% повисока од најниската.
- Стручниот надзор над градежни работи ги чинел институциите од 0,39% до 2,97% од вредноста на објектот што е предмет на надзор, со што највисоката цена платена за оваа услуга е над 6 пати поголема од најниската цена.
- Медицинскиот азотен оксид N20 здравствените институции го купувале од 578 до 636 денари за килограм со што највисоката цена е за 10% повисока од најниската.