Мониторинг на известување на медиумите за теми од поширок општествен интерес
Медиумите се еден од најзначајните општествени двигатели од кои граѓаните се информираат за прашањата од јавен интерес. Оттука, обврска на медиумите е да овозможат граѓаните да ги добијат сите информации што им се неопходни за да заземат став за одредени прашања од јавен интерес. Во оваа смисла, снабдувајќи ги граѓаните со релевантни и објективни информации, медиумите влијаат врз подигањето на општото ниво на разбирање на јавните политики, овозможувајќи простор за јавна дебата за тие политики меѓу сите општествени чинители. Од друга страна, преку својата улога на чувари на јавниот интерес, медиумите настапувајќи во името на граѓаните отвораат расправа за одредени проблеми во општеството и вршат притисок врз властите и врз другите центри на моќ за одговори за тие проблеми.