НАШАТА ВИЗИЈА
Демократизација на македонското општество преку подобро информирани граѓани и потранспарентно, поотчетно и поодговорно владеење.
Центарот за граѓански комуникации е основан во април 2005 година, како невладино, непартиско и непрофитно здружение на граѓани чија главна мисија е да ја подобрува и развива комуникацијата меѓу сите општествени фактори во Република Македонија за процесите од поширока општествена важност, како и да ги набљудува, анализира и унапредува општествено-политичките и економските процеси во земјата, пред сè во областите на антикорупцијата, локалната самоуправа и економскиот развој.
Центарот за граѓански комуникации ја остварува својата мисија преку организирање и спроведување на истражувања, анализи, мониторинзи, обуки, семинари и трибини, како и издавање извештаи, публикации и прирачници за работа.
Во своето шестгодишно дејствување, Центарот за граѓански комуникации ја фокусира својата работа врз две групи на меѓусебно поврзани активности: мониторинг и откривање на корупциски практики и врз основа на тоа препорачување на мерки и политики за намалување на просторот за корупција и унапредување на способноста на новинарите и на посебната улога на медиумите во борбата против корупцијата во земјава.
Во оваа насока, ЦГК досега има спроведено десетина проекти во рамките на кои има изработено и предложено неколку стотини конкретни предлози и препораки за унапредување на регулативата и практиката во насока на потранспарентно, поотчетно и поодговорно работење на централната и на локалните власти, има обучено речиси 200 новинари од националните и од локалните медиуми за истражување и известување за корупција и има објавено петнаесетина истражувања и прирачници. Освен ова, претставниците на ЦГК, како експерти активно се вклучени во креирање на разни антикорупциски стратегии, програми и иницијативи на други институции и организации, како што се Државната стратегија за спречување на корупцијата, Етички кодекс на локалните функционери, индекс за самооценување на општините и сл. Во рамките на ЦГК функционира и неформална мрежа на истражувачки новинари, а ЦГК редовно поддржува новинарски истражувања од областа на корупцијата и јавните набавки.
Во 2010 година решивме да издаваме Месечник за антикорупција, како прва специјализирана публикација на овој вид во земјава. Корупцијата е едно од најголемите зла во Македонија, која ги уназадува развојот и напредокот на економијата, општеството и на луѓето кои живеат во него, ги нарушува конкуренцијата и слободното дејствување на фирмите на пазарот, го оневозможува владеење на вистинските вредности во животот и во работата, ги принудува младите и образовани луѓе да ја напуштаат земјава и овозможува незаконски бенефиции и богатење на државни функционери на сметка на осиромашување на другите луѓе и на уништување и злоупотреба на јавните добра. Затоа, посочувајќи на корупциските практики и нудејќи идеи, добри примери и решенија од земјава и од странство, сметаме дека овој месечен билтен во крајна линија ќе придонесе за намалување на корупцијата во земјава и за унапредување на „доброто владеење“.
Издавањето на Месечникот го заокружуваме со овој годишен број во кој освен приказ на темите и на текстовите во претходните 12 броеви на месечникот, ги претставуваме и нашите активности и резултатите постигнати во 2010 година, а ја претставуваме и нашата програма за работа во 2011 година.
Месечникот се издаваше во рамки на нашата годишна програма, која е поддржана од Програмата “CIVICA Mobilitas” а имплементирана од Центарот за институционален развој (ЦИРа) и е финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), претставена од Швајцарската канцеларија за соработка во Македонија.