Ова ќе се постигне преку детектирање на слабостите, недостатоците и просторот за подобрување на користењето на податоците за вистинските сопственици како еден од клучните инструменти за борба против корупцијата; проверка и откривање на евентуалното постоење на судир на интереси и злоупотреба на моќта кај политички експонираните лица преку вкрстување на податоците од регистрите на вистински сопственици и на избрани и именувани лица, со податоците за договорите за јавни набавки; подобрување на примената на податоците за вистинските сопственици како дел од севкупните антикорупциски напори на земјата преку изработка на препораки и застапување за нивна примена, како и проширување на основното разбирање и влијанието за потребата и можноста за користење на податоците за вистинските сопственици преку вклучување на медиумите, граѓанските организации и јавноста.
Целни групи на акцијата се: (1) институциите за борба против корупцијата и органите на прогонот; (2) другите државни институции; (3) фирмите; (4) граѓанските организации; (5) медиумите и (6) граѓаните.
Вкупниот буџет на проектот е 14.446.059 денари за период од три години. Проектот го спроведуваат во партнерство Центарот за граѓански комуникации, Центарот на активни граѓани Активо Велес и Здружението на даночни советници на Република Македонија, а е поддржан од Цивика мобилитас која е проект на Владата на Швајцарија за поддршка на граѓанското општество во Северна Македонија, која ја спроведуваат Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), НИРАС од Данска и ФЦГ од Шведска. Целта на програмата е општествените промени во Северна Македонија кои се водени од силен граѓански сектор, од активни граѓани и добра соработка со властите што резултира со проширен граѓански простор, поодржливи граѓански организации и потранспарентно, отчетно и општествено инклузивно владеење на централно и локално ниво.