Во овој период, сè уште во 97 % од тендерите се применува најниската цена како критериум за избор на најповолната понуда; во повеќе од 90 % се применила електронска аукција; конкуренцијата не е значително подобрена; поништени се повеќе од 30 % од тендерите; на секој петти тендер немало ниту една понуда; на секој трети тендер имало по една понуда; а има и бројни извештаи на медиумите и на граѓанските организации за проблематични тендери.
Претставниците на договорните органи наведуваат главно три причини за ваквите состојби: незнаењето за тоа како да ги користат можностите што ги нуди новиот Закон; стравот што постои меѓу нив од грешки и соодветни последици; и нивната немотивираност, пред сè, во однос на одговорноста што ја имаат.
На системско ниво, надлежната институција, Бирото за јавни набавки, не ги зголеми своите капацитети за да може соодветно да одговори на зголемените ингеренции, особено во однос на побрза и навремена изработка на мноштвото подзаконски акти во согласност со новиот Закон за јавни набавки, како и на целосно и ефикасно спроведување на новововедената екс анте управна контрола врз спроведувањето на тендерите. Сè уште недостигаат и модели на тендерски документации за сите видови постапки, како и детален прирачник за примена на ʼекономски најповолната понудаʻ според истиот тој нов закон. Нема ниту почести наменски обуки за лицата за јавни набавки.
Освен тоа, отсуствуваа и пошироки јавни консултации за изработка на подзаконските акти, како и за новиот Закон за јавните набавки во областа на одбраната и безбедноста донесен во август 2019 година.