База на податоци на вработувањата во Владата и во општините:

Најголемо зголемување на вработените во полицијата, а најголемо намалување во одбраната Денеска, 23 септември 2020 година, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ги објави истражувањето и базата на податоци на вработувањата во министерствата и општините во последните три години по сите основи – редовен работен однос, привремени вработувања и ангажирање на договор на дело. Истражувањето покажува дека од 2017 до 2020 година, вкупниот број на вработени во министерствата пораснал за 3 проценти (односно за 540 луѓе), а во општините за 2 проценти (односно за 154 луѓе). Најголем скок на бројот на нововработени има во полицијата (за 570 луѓе), а најголем пад во одбраната (168 помалку). Кај општините, пак, најголемо зголемување на вработените има во Бутел (за 122 луѓе), а најголемо намалување во Карпош (за 124 луѓе). Министерствата и Владата бележат зголемување на вработувањата по сите основи. Сепак, бројот на привремено вработени луѓе во министерствата и Владата скокнал дури за 337 проценти за последните три години, односно од 62 на 271. Кај општините, пак, има зголемување на редовните и привремените вработувања, но намалување на бројот на ангажирани луѓе на договор на дело за 31 процент, односно од 620 на 428 луѓе. Инаку, од министерствата, најмногу вработени и ангажирани, односно 12.263 луѓе има во МВР, а од општините најмногу луѓе – 747 работат во Град Скопје.
септември 23, 20205186

 

Ова истражување се реализира во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста. За повеќе информации за работата на Центарот за граѓански комуникации, посетете ја нашата веб-страница: http://www.ccc.org.mk/ и http://www.opendata.mk/.

БЕЛЕШКА ЗА УРЕДНИЦИТЕ

Американскиот народ преку УСАИД има инвестирано повеќе од 830 милиони долари во Република Северна Македонија од 1993 година досега. УСАИД е најзначајната меѓународна агенција за развој во светот и двигател кој води до резултати во развојот. Работата на УСАИД носи напредок во националната безбедност и економскиот просперитет на САД, ја покажува американската великодушност и на земјите со кои соработува им помага на патот до самостоен и стабилен развој. За повеќе информации, посетете ги нашите веб и Facebook страници: https://www.usaid.gov/north-macedonia и https://www.facebook.com/USAIDNorthMacedonia/.