База на податоци и истражување

Општинските советници чинат 3,5 милиони евра годишно Денес, 13 јануари 2021 година, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ги објави истражувањето и базата на податоци на месечните паушали што им се исплаќаат на општинските советници и претседателите на советите на општините. Вкупната годишна сума што им се исплатува на 1319-те советници и претседатели на совети изнесува повеќе од 215 милиони денари или нешто над 3,5 милиони евра. Висината на месечниот надомест зависи од бројот на жители во општината и е определен како процент од просечната плата во земјава. Претседателите добиваат 30 % повисок паушал од советниците. Услов за да се исплати паушалот е во месецот да биде одржана барем една седница. Најголем месечен паушал од една просечна плата од 24 илјади денари добиваат советниците на Град Скопје, но тие одржуваат и најмногу седници во текот на месецот. Од другите општини, највисоко платени се советниците во Кичево кои земаат 19 илјади денари месечно, а најмалку платени се советниците во Вевчани кои земаат малку помалку од 5 илјади денари месечно. Само 12 општини исплатуваат понизок месечен надомест од законскиот максимум, а 15 општини одат дури и над тој лимит. Најмногу седници годишно одржува Град Скопје, лани дури 27, а најмалку 6 одржале во Центар Жупа. Просечно, општинските совети одржувале по 15 седници годишно.
13/01/20214327

 

Ова истражување се реализира во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста. За повеќе информации за работата на Центарот за граѓански комуникации, посетете ја нашата веб-страница: http://www.ccc.org.mk/ и http://www.opendata.mk/.

БЕЛЕШКА ЗА УРЕДНИЦИТЕ

Американскиот народ преку УСАИД има инвестирано повеќе од 830 милиони долари во Република Северна Македонија од 1993 година досега. УСАИД е најзначајната меѓународна агенција за развој во светот и двигател кој води до резултати во развојот. Работата на УСАИД носи напредок во националната безбедност и економскиот просперитет на САД, ја покажува американската великодушност и на земјите со кои соработува им помага на патот до самостоен и стабилен развој. За повеќе информации, посетете ги нашите веб и Facebook страници: https://www.usaid.gov/north-macedonia и https://www.facebook.com/USAIDNorthMacedonia/.